Поврзи се

Фудбал

Илиевски: Во Вардар младите играчи можат само да напредуваат

Да се биде дел од младинската школа на Вардар е чест и привилегија на секој млад играч. Од оваа школа излегоа и ќе излегуваат многу играчи кои што значат нешто во фудбалот. Нашиот тим посветува многу внимание и на младите генерации, на секое дете кое е дел од младинските категории на „црвено-црните“.

Марио Илиевски е фудбалер на пионерската екипа на Вардар кој што ги мина сите помлади категории на нашиот тим. Пред него има уште играње во младите категории, со надеж дека еден ден ќе стигне и до сениорскиот тим.

„Ги минав сите помали категории на Вардар и сега сум дел од пионерската екипа. Секако дека за млад играч како мене, ми е драго што сум дел од овој тим, од ова семејство. Тука имам можност да напредувам. Свесен сум дека има уште многу што да научам. Во тимот се работи на максимално ниво, и тука не само јас, туку и останатите мои соиграчи во пионерската екипа, но и во другите селекции може само да се надоградуваат“, рече Илиевски кој што игра во средниот ред на позициите последен играч за врска и „плејмејкер“.

Пионерите не ја стартуваа сезоната како што посакуваа, но се надеваат дека со добри резултати ќе успеат да го поправат првиот впечаток.

„Кога сте дел од Вардар не можете да очекувате ништо друго освен победа. Тоа е така во сите селекции, во сите тимови. Оваа сезона не ја стартувавме како што посакувавме, имаме три победи четири нерешени и три порази, меѓутоа екипата не е комплетна, односно ни недостасуваат неколку играчи. Мислам дека пионерскиот тим се уште го нема покажано целиот потенцијал, и верувам дека ќе бидеме подобри во идните натпревари и ќе се сменат работите во наша корист“, рече Илиевски.

Илиевски утринава имаше тренинг на теренот на Фудбалската Академија на ФК Вардар каде што се изградува како фудбалер, со надеж дека еден ден ќе стане дел од сениорскиот тим на Вардар.

„Вардар ги има најдобрите услови за млади категории во Македонија. Тука има се што е потребно од терен до модерни соблекувални. Секогаш се води грижа за секој детал и тоа е на некој начин она што треба на еден професионален клуб кој што води грижа и за младите категории. За сениорскиот тим можам да кажам дека тоа е не само моја желба, туку верувам и на секој играч кој е дел од помладите категории на Вардар. Мило ми е што гледам дека од оваа школа неколку фудбалери тренираат и добиваат шанса во сениорите, и тоа ми дава мотив напорно да работам и јас еден ден да стигнам до таму, и секако да ја оправдам довербата“, вели Илиевски.

Реклама
Реклама

ВИДЕО

ФОТО

Реклама
Facebook Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close