Connect with us

Фудбал

Бока Јуниорс и Ривер Плата не сакаат да играат во Мадрид

Реванш-натпреварот од финалето на Копа Либертадорес помеѓу екипите на Бока Јуниорс и Ривер Плата, треба да се одигра на 9 декември на стадионот “Сантијаго Бернабеу” во Мадрид со почеток во 20:30 часот. Ваквата одлука беше потврдена од Јужноамериканската фудбалска конфедерација.

Доха, Мајами, Париз, Асунсион, Меделин, Џенова, Барселона и Мендоза беа останатите комбинации за домаќинство на овој натпревар, но во договор со ФИФА и Шпанската фудбалска организација, беше договорено реванш дуелот да биде одигран во Мадрид.

Ова решение било прифатено едногласно затоа што воздушната линија помеѓу Буенос Аирес и Мадрид е 10.000 км, во градот се зборува шпански и аргентински и има околу 65.000 жители кои се по потекло од Аргентина.

Сепак, таквата одлука не е прифатена од челниците на Бока Јуниорс. “Сино-жолтите” сметаат дека треба веднаш да го добијат трофејот и дека Ривер Плата мора да биде драконски казнет поради дивеењето на своите фанови. Во официјалното соопштение е наведено дека Бока нема да игра се додека не биде усвоено нивното барање.

Претходно таквото барање на Бока беше одбиено од Дисциплинската комисија при CONMEBOL, но клубот потврди дека правдата сега ќе ја бара пред Спортскиот суд во Лозана. И челниците на Ривер Плата потврдија дека ќе се жалат на одлуката натпреварот да биде одигран во Мадрид.