Connect with us

Други спортови

Хамилтон недопирлив и во Сузука, дојде на осум бода до титулата

Луис Хамилтон продолжи нескротливо да доминира во Формула 1 и на големата награда на Јапонија, запишувајќи ја деветтата победа оваа сезона, шеста во последните седум трки.
Тргна од пол-позицијата и таму остана до крајот, не дозволувајќи некој воопшто да му се доближи. За уште поголема радост на Мерцедес, Валтери Ботас заврши втор, а подиумот го дополни Макс Ферстапен од Ред бул.

Четврти беше неговиот колега Даниел Рикардо, како дополнителна потврда дека Ред бул го надмудри Ферари. Возачите во црвено беа петти и шести, Раиконен пред Фетел, најмногу затоа што и двајцата го извлекоа подебелиот крај во директен контакт со Ферстапен.

И ова беше само нова демонстрација дека веќе немаат здив во трката за титулата со Мерцедес, особено затоа што има само уште четири гранд-прија до крајот на сезоната.

По извојување на оваа 71. победа во својата кариера, а 50-та како возач на Мерцедес, Хамилтон му се одлепи на плус 67 на Фетел и дојде на осум бода до титулата. Ако на следната трка, во Тексас на 21 октомври, биде осум бода пред Германецот, тој ќе стане светски шампион петтипат во кариерата.

Владко Арсов