Connect with us

Фудбал

Јувентус го подготвува неочекуваното

Масимилијано Алегри наскоро би можел да ја заврши својата авантура како тренер на Јувентус.

Искусниот 55-годишен специјалист катастрофално го води тимот од Торино. Навивачите бараат негово заминување и раководството на торинскиот клуб изгледа полека попушта на тоа барање.

Алегри ќе инкасира околу 30 милиони евра во случај на отказ, но иднината на клубот е многу поважна од таа бројка бидејќи со овој тренер апсолутно нема напредок.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус веќе започнал разговори со нов тренер. Раководството на клубот предводено од Павел Недвед одржа преговори со Антонио Конте и изрази желба за негово враќање во Торино.

Наводно, актуелниот менаџер на Тотенхем е подготвен да се врати кај „бјанконерите“, а повеќе информации изнесе новинарката Фабијана Дела Вале.

„Во понеделникот претседателот Андреа Ањели објави дека Алегри ја има неговата поддршка. Верувам дека така ќе биде до ноември и паузата за Светското првенство. Верувам дека тогаш ќе му се суди на Алегри бидејќи ќе се знае дали клубот ќе остане во Лига на шампиони или не“, истакна Дела Вале и продолжува:

„Средбата на директорите не беше поврзана со назначувањето на нов тренер. Не очекувам премногу на овој фронт во наредниот период, но Конте сака да се врати во Јувентус. Неговиот однос со Ањели е подобрен, но не се знае кога навистина сакаат тој да се врати“.

Конте седна на клупата на Јувентус во 2011 година и таму помина три сезони. Многумина го сметаат за творец на доминантен тим кој освои девет последователни титули во италијанскиот шампионат.

Три од тие девет беа земени од Конте. Сепак, тој потоа реши да си замине и ја презеде италијанската репрезентација, а на негово место дојде Масимилијано Алегри, кој го „береше грозјето“ со тимот создаден од Конте.

Антонио Конте одлично се снајде во Челзи и Интер, со кои ја освои шампионската титула, а се чини дека по девет години повторно можевме да го видиме на клупата на тимот каде го мина најголемиот дел од кариерата.

Како играч стана апсолутна легенда на тимот од Торино. За Старата дама играше од 1991 до 2004 година. Учествувал во најголемите успеси и одиграл 420 натпревари.