Connect with us

Фудбал

Ковачиќ за Лампард: Се врати да направи промена

Играчот од средниот ред на Челзи, Матео Ковачиќ го изрази своето задоволство од враќањето во тимот на Френк Лампард. Легендата на сините беше изненадувачки назначен за привремен менаџер по отпуштањето на Греам Потер претходно оваа недела.

Клубот од Лондон има многу лоша сезона и се наоѓа во долната половина на табелата, иако во последните два преодни рока се потрошени повеќе од 500 милиони фунти за нови играчи.

„Го познавам, тој беше наш тренер, па тоа е добра вест. Тој се врати за да донесе промени оваа сезона, бидејќи работите досега не одеа добро, да бидеме искрени. На крајот на краиштата, полесно е да се отпушти тренер отколку 30 играчи, но се зависи од нас и мораме подобро. Треба да му се заблагодариме на Потер, кој добро ја заврши работата, но му беше тешко со толку промени“, призна Ковачиќ.

Хрватскиот играч за врска потврди дека Лампард веќе се сретнал со играчите:

„Имавме краток состанок и тој ни објасни што сака, што очекува од нас до крајот на сезоната. Имаме шанса да се искачиме на табелата, а имаме и две одлични пресметки со Реал Мадрид. Има шанси да ја завршиме сезоната подобро и се надевам дека ќе ги искористиме. Лампард дојде со јасна идеја што очекува од нас, но помина само еден ден, ќе видиме што сака од нас на теренот“, рече Ковачиќ.