Connect with us

Фудбал

Лев: Ако биде целосно подготвен, Ноер ќе патува во Русија

Голманот на Германија, Мануел Ноер е целосно опоравен од повредите и може да игра на Светското првенство во 2018 година во Русија. Ова го изјави тренерот на бундестимот, Јоаким Лев пред почетокот на кампот во северна Италија. 
 
Триесетидвегодишниот Ноер се опорави од фрактурата на стапалото што ја доби во септември минатата година. Тој беше подложен на операција и ја пропушти речиси цела сезона, но, сега продолжува со тренинзи и речиси е подготвен да игра.
 
– Тој тренираше една недела во Баерн, тука ќе се подготвува со полна брзина и може да се справи со нивото на интензитет, и ќе видиме каква е неговата состојба. Ако се чувствува целосно подготвен, тогаш тој ќе биде во Русија, но ако има какви било проблеми, ќе мораме дополнително да разговараме, додаде Јоаким Лев.
 
Селекторот очекува Џером Боатенг да се приклучи на тимот наскоро. Централниот дефанзивец доби повреда на крајот на минатиот месец и се опоравува според планот. 
 
– Се оди добро кај него и следната недела очекувам да ги обнови тренинзите, рече уште 58-годишниот Лев, кој го обнови договорот во германскиот фудбалски сојуз до 2022 година.
 
Германците се подготвуваат за четврти пат во Епан, високо во италијанските Алпи, а Лев ги пофали домаќините за условите кои им се обезбедени. Германскиот национален тим ќе остане во Италија до 5 јуни. Лев тренира со 27 играчи, но четворица од нив ќе отпаднат од конечниот состав. 
 
Бундестимот ќе патува за Клагенфурт за контролата со Австрија на 2 јуни, по што ќе се врати во Италија, а шест дена подоцна излегува против Саудиска Арабија во Леверкузен. Бранителот на титулата е во групата Ф на Мундијалот заедно со Шведска, Република Кореја и Мексико.