Connect with us

Фудбал

Македонија домаќин на Лихтенштајн во последниот квалификациски дуел за СП 2018

Фудбалската репрезентација на Македонија вечер од 20 часот и 45 минути во Струмица го пречекува Лихтенштајн во последниот натпревар од квалификацискиот циклус за Светското првенство во Русија.

Без разлика на исходот двете репрезентации се без шанси за прогрес на табелата, но за Македонија евентуално освојување на трите бода ќе значи подобар биланс од претходните квалификации.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски на мечот влегуваа по ремито кај фаворитот Италија во петокот и со желба да ја изборат третата победа.

Лихтенштајн во Струмица доаѓа со девет порази и без освоен бод на претходните натпревари и тоа го прави аутсајдер, но од таборот на „црвено-жолтите“ порачаа дека во никој случај противникот нема да биде потценет.

Двојки за последното (10. коло) од квалификациите за СП 2018:
Македонија – Лихтенштајн,
Албанија – Италија и
Израел – Шпанија.

Табела: Шпанија 25 бода, Италија 20, Албанија 13, Израел 12, Македонија 8 и Лихтенштајн 0.

Од Г-групата учество на СП обезбеди Шпанија, Италија како второпласирана ќе игра бараж.