Connect with us

Фудбал

Младинците ја почнуваат борбата за елитата

Македонската фудбалска репрезентација утре го започнува квалификацискиот турнир, на кој ќе се обиде да оствари пласман во елитната група на европски репрезентации, кои потоа ќе се борат за место на континенталното првенство.

На првиот натпревар нашите таленти ќе одиграат со соодветниот состав на Швајцарија, а исходот од овој меч би можел да има пресудно значење по конечниот распоред на табелата.

Оваа генерација на македонски репрезентативци е сметана за мошне талентирана и многумина ѝ даваат големи шанси за добри резултати. Лидер на оваа група фудбалери е играчот на Фенербахче, Елиф Елмас, кој иако веќе дебитираше за А селекцијата, порачува дека нема никаков проблем да игра заедно со своите врсници.

– Што се однесува до мене, подготвен сум да го дадам максимумот без разлика со која генерација настапувам. Ова се моите врсници, до 19 години, и сигурно сакам заедно со нив да постигнеме добар успех – вели Елмас.

Фокусот на избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ е свртен врз претстојниот натпревар со Швајцарија, но тие се надеваат на пласман во елитната група.

– Секако дека нашите погледи се единствено насочени кон пласман во елитната рунда од квалификациите. Сакаме да ја минеме оваа прва квалификациска фаза иако се наоѓаме во квалитетна група. Но, фокусирани сме само на нашата игра. Сигурен сум дека веќе утре на првиот натпревар може да ја победиме Швајцарија. И верувам дека ќе ја победиме – додава фудбалерот на Фенербахче.

Првиот натпревар од турнирот ќе започне во 13 часот, а ќе се игра на фудбалското игралиште на Фудбалската федерација на Македонија, „Петар Милошевски“ во Скопје. Во истиот термин ќе се одигра и средбата со Белгија закажана за 11 ноември, додека натпреварите од оваа фаза ќе завршат со дуелот со Лихтенштајн три дена подоцна.