Connect with us

Фудбал

Нагелсман или Покетино, кој ќе ја преземе клупата на Челзи

Греам Потер стана 13-тиот менаџер во Премиер лигата кој доби отказ. Ова е нов рекорд по бројот на менаџерски промени во елитните редови на англискиот фудбал. Англичаните помалку ги загрижува фактот што целата лига е всушност тренерски рингишпил – повеќе ги интересира кој ќе биде новиот менаџер на Челзи.

Потер беше отпуштен во време кога пазарот е преплавен со слободни тренери. Јулијан Нагелсман ја загуби работата во Баерн пред само една недела, иако поради несогласувања во тимот и поради тоа што сред сезона замина на одмор на скијање. Иако не е добра референца во биографијата, обложувалниците сметаат дека младиот германски стручњак е првиот кандидат за клупата на „Плавите“.

Шпанецот Бруно Салтор, кој ќе биде привремен менаџер на Челзи во следните недели, можеби и цела сезона, е вториот кандидат според обложувалниците. По нив следуваат Маурисио Покетино, кој нема работа по отказот од Пари Сен Жермен, поранешниот селектор на шпанската репрезентација Луис Енрике, поранешниот тренер на Реал Зинедин Зидан, а тука се и Диего Симеоне и Жозе Мурињо кои ги водат Атлетико и Рома. Познато е дека Симеоне го напушта Мадрид, додека Мурињо е блиску до раскинување на договорот и заминување од Рим. Враќањето на Мурињо во Челзи би било негов трет престој во клубот.

Британските обложувалници исто така нудат коефициенти за имиња за кои е помала веројатноста да бидат на клупата. Тука се Џон Тери, Френк Лампард, Ханси Флик, Дидие Дешамп, но и Антонио Конте кој неодамна го напушти Тотенхем и кој како Мурињо по неколку години би се вратил во Челзи.