Connect with us

Фудбал

„Ни рекоа дека не смееме да загубиме, седум-осум луѓе загинаа во нашата соблекувална“

Абел Камара, напаѓачот на Арема, кој беше домаќин на Персебаја (2:3) во меч кој остана во сенка на големите нереди, зборуваше за трагедиите што се случија во Индонезија.

Катастрофата што се случи на стадионот во Индонезија каде во стампедо загинаа 174 луѓе е една од најголемите фудбалски трагедии во историјата.

Најмалку 174 лица загинаа во саботата во стампедо на стадионот во градот Маланг, на источниот дел на островот Јава, кога гневните навивачи на поразената домашна екипа упаднаа на теренот.

 

Полицијата потоа употреби солзавец во обид да ја контролира ситуацијата, што предизвика стампедо во кое многумина се задушија. Оваа трагедија предизвика реакции ширум светот, па многу натпревари ќе започнат со едноминутно молчење, а најголемите клубови излегоа со кратки соопштенија и изразија сочувство до семејствата на загинатите.

„Ова е старо дерби и во текот на неделата низ градот се чувствуваше дека е натпревар со повеќе од три бода. Тие рекоа дека тоа е игра на живот и смрт, дека можеме да го загубиме секој натпревар освен овој. Имаше тензија во воздухот. Откако загубивме, отидовме да им се извиниме на навивачите. Почнаа да се качуваат на оградата, пробивајќи ја бариерата, по што отидовме во соблекувалната“, изјави Камара.

„Оттогаш почнавме да слушаме врисоци, истрели, туркање луѓе. Ги сместивме луѓето кои беа погодени од солзавец во соблекувалните и загинаа пред нас. Имавме околу седум или осум луѓе кои умреа во соблекувалната“.

 

Камара призна дека е многу потресен од она што се случи во Канџурухан. Тимот не можеше веднаш да го напушти стадионот, бидејќи ситуацијата во Канџурухан беше опасна по завршувањето на 90-те минути.

„Моравме да останеме таму четири часа пред да успеат да ги оттурнат сите. Кога тргнавме, кога се смири, имаше крв, патики, облека низ целата сала на стадионот. Кога го напуштивме стадионот со автобус, гореа цивилни и полициски возила, но ние без проблем стигнавме до нашиот тренинг центар, ја зедовме колата и си отидовме дома. Сега сме дома и чекаме да видиме што ќе биде“, рече тој.

Првата фудбалска лига на Индонезија ги прекина натпреварите на седум дена, а Фудбалскиот сојуз на Индонезија започна внатрешна истрага.

Во Индонезија и претходно имаше нереди на натпревари и насилство на навивачите поради силното ривалство меѓу клубовите, но никој не очекуваше вакво нешто.