Connect with us

Фудбал

Она што го доживеа Модриќ синоќа во Виго најдобро покажува за каква фудбалска легенда се работи!

Реал Мадрид синоќа на гостински терен со убедливи 4:1 ја победи Селта Виго.

Кралскиот клуб без поголеми проблеми успеа да победи во Виго и да освои нови три бода во сезоната во која Реал Мадрид ја брани титулата шампион на Шпанија.

Реал одигра уште еден одличен натпревар, а во центарот на вниманието беше одличниот Лука Модриќ кој уште еднаш ја воодушеви фудбалската јавност.

Во 41. минута од натпреварот, хрватскиот играч за врска постигна спектакуларен гол за 2:1 и уште еднаш покажа за каков мајстор е, иако е на залезот на кариерата.

Покрај голот, Модриќ синоќа запиша и една асистенција, а играта ја напушти во 77. минута кога Карло Анчелоти реши да го одмори својот играч за врска и на теренот го испрати Дани Себаљос.

Но, тогаш го видовме и најдобриот момент на овој натпревар. Имено, додека Модриќ го напушташе теренот, навивачите на Селта му аплаудираа за уште една фантастична партија која ја одигра во дресот на Реал.

Ретко се случува противнички играч да добие аплауз од навивачите на клубот против кој игра, но Модриќ синоќа тоа целосно го заслужи.

Каков статус има хрватскиот репрезентативец во Реал Мадрид најдобро се виде по голот на Винисиус Жуниор во 58. минута кога асистент беше Модриќ.

Бразилецот му се поклони на Модриќ за одличната асистенција и ја покажа почитта што ја има кон искусниот играч за врска.