Connect with us

Фудбал

Роналдо: Најдобриот тајминг е секогаш мојот тајминг

Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо изјави дека неговиот конфликт со Манчестер Јунајтед нема да влијае на неговата репрезентација за време на Светското првенство во Катар.

Роналдо минатата недела даде интервју за Пирс Морган во кое ги нападна „црвените ѓаволи“ кои во моментов разгледуваат опции како да го казнат. Меѓу другото, Португалецот истакна дека клубот го предал, како и дека не чувствува почит кон менаџерот на Јунајтед, Ерик тен Хаг.

„Во мојот живот, најдобриот тајминг е секогаш мојот тајминг“, изјави Роналдо по изненадувачкото појавување пред новинарите во Доха,

„Не морам да размислувам што мислат другите, зборувам кога сакам. Играчите ме познаваат многу добро со години и знаат каква личност сум. Во амбициозна група, тоа е глад и фокус. Верувам дека споменатото интервју нема да влијае на концентрацијата и фокусот на тимот“.

Првиот натпревар на Португалија на Мундијалот е во четврток кога се среќава со Гана.

Договорот на Роналдо со Јунајтед, според кој добива 500.000 фунти неделно, истекува на крајот на јуни, но клубот од „Олд Трафорд“ би можел да го раскине веќе во јануари. Во случај на таков исход, португалскиот фудбалер би можел слободен да избере нова средина. Последниот натпревар во дресот на Јунајтед го одигра на 6 ноември, откако паузираше поради неименувана болест, но вели дека е целосно подготвен за петтото Светско првенство.

„Се чувствувам одлично, закрепнав, тренирам добро и подготвен да го започнам Светското првенство на најдобар можен начин. Чувствувам дека оваа репрезентација на Португалија има фантастичен потенцијал. Верувам дека можеме да ја освоиме титулата, но мораме да се фокусираме на следниот натпревар, кој е со Гана. Треба да победиме, а потоа да продолжиме понатаму. Ќе видиме кој ќе биде најдобар тим, но верувам дека Португалија е токму таква на овој Мундијал. Треба само да го покажеме тоа на теренот“, потенцира Роналдо.

Покрај Гана, ривали на Португалија во групната фаза на Светското првенство во Катар ќе и бидат Уругвај и Јужна Кореја.