Connect with us

Ракомет

Селекторот на Аргентина, нов тренер на Вардар!

Актуелниот селектор на Аргентина, Гиљермо Милано ќе седне на клупата на најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар 1961 и најмалку до крајот на актуелната сезона ќе ги предводи „црвено-црните“.

Како што соопшти двократниот европски првак, „постигнат е договор за соработка до крајот на сезонава, со можност истиот да биде продолжен. На почетокот на следниот месец Милано ќе пристигне во Скопје и ќе ја преземе екипата на Вардар“.

Милано доаѓа на клупата на Вардар 1961 откако од 2021 година е аргентински селектор.

Со репрезентацијата на Аргентина настапи на последните Олимписки игри во Париз, на Светското првенство 2023 година во Полска и Шведска, а го освои златниот медал на Панамериканските игри 2024, совладувајќи го во финалето Бразил.

Во изјава за клупскиот сајт, Милано наведе дека е возбуден од можноста да боде дел од новото поглавје во историјата на Вардар 1961.

„Огромна чест е да добиеш повик од еден од најпрестижните тимови во Европа, и ја имав привилегијата да го следам клубот долги години во нивните настапи во Лигата на шампионите. Од Македонија ја покорија Европа со својот нескршлив карактер и борбеност инспирирајќи ги ракометните фанови насекаде. Како што го носам моето 20-годишно искуство со аргентинските репрезентации, исто така се обврзувам да и пристапам на оваа улога препознавајќи го наследството на големите тренери кои беа пред мене. Целосно сум посветен да дадам сè за Вардар, да оставам сè уште на теренот и да придонесам за континуиран успех на тимот“, изјави Милано.