Connect with us

Фудбал

Тој денеска одби да игра за својот клуб бидејќи сака да биде продаден во Манчестер Јунајтед

Фудбалерите на Ајакс денеска играат на гости кај Спарта Ротердам во третото коло од холандската Ередивизија.

Ајакс постигна максимален ефект по две кола, додека Спарта имаше многу лош старт на сезоната и има освоено само еден бод.

Јасно е дека клубот од Амстердам денеска е голем фаворит, но ќе биде значително ослабен бидејќи тренерот на оваа екипа Алфред Шројдер нема да може да смета на својот најдобар играч Антони.

Бразилецот не беше во конкуренција за денешниот натпревар и клубот објави дека тоа е одлука на тренерот, но на многумина им е јасно дека Антони одбива да игра бидејќи сака Ајакс да ја прифати понудата на Манчестер Јунајтед.

Антони веќе извесно време е на мета на Јунајтед со кој ги договори сите услови од договорот, но проблем му прави Ајакс бидејќи не сака да ја прифати понудата од Олд Трафорд.

Манчестер Јунајтед нуди околу 85 милиони евра за Антони, што е огромна сума на пари и Бразилецот јасно стави до знаење дека сака Ајакс да го пушти бидејќи е јасно дека ова е трансфер во кариерата за него.

Тој покажа колку е решен да го напушти клубот оваа недела кога пропушти неколку тренинзи и му порача на тренерот дека не сака да игра и дека единствена цел му е да го напушти клубот и да замине во Јунајтед.

Холандските медиуми потврдија дека Антони одбил да игра денеска против Спарта, но клубот се уште не сака да го продаде. На овој начин клубот се обидува да извлече уште повеќе пари од Јунајтед и се чека нова понуда од Олд Трафорд.

Овој 22-годишен фудбалер пред две години за 16 милиони евра пристигна во Ајакс од Сао Паоло и се покажа како големо засилување.

Тој има договор со Ајакс до летото 2025 година, а доколку челниците на клубот од Амстердам решат да го продадат летово, јасно е дека ќе заработи многу, но и ќе остане без најдобриот играч.