Connect with us

Фудбал

Тошевски се надева дека добрата серија на Вардар ќе продолжи и во Купот

Екипата на Вардар утре во 15 часот гостува на теренот во Ѓорче Петров против Македонија на вториот натпревар од осминафиналето од Купот на Македонија. Првата средба заврши нерешено 1:1, па за пласман во идната рунда им е потребна било каква победа на утрешното гостување.

Бекот на „црвено-црните“, Кристијан Тошевски се надева дека добрата форма во локалното првенство ќе се пренесе и на Куп натпреварите.

Тошевски го брка третиот Куп пехар со третиот клуб во кариерата, откако претходно тоа го стори со Тетекс и со Пелистер.

– Очекувањата се секогаш големи кога е во прашање Вардар. Покрај тоа што одиме на првото место, од нас се бара да атакуваме и на пехарот во Купот. Имаме 1:1 од првиот натпревар, и тоа значи дека утре ќе треба како знаеме да постигнеме еден гол. Верувам дека тоа ќе го сториме и дека ќе одиме во идната фаза од Купот. Играме добро, во добра форма сме, и јас верувам дека добрите резултати и победите од првенството ќе продолжат и во Купот, изјави Тошевски.