Connect with us

Фудбал

Уапсен хотелски работник кој ги навредувал мароканските фудбалери

27-годишен работник во хотел во Мадрид каде што престојувале мароканските репрезентативци е уапсен поради наводно злосторство од омраза и навредливи коментари за исламската вера и расистички навреди кон мароканските играчи на социјалните мрежи.

Шпанската полиција во вторникот го уапсила младото момче во самиот хотел, а веста ја потврдиле и од хотелот во кој е вработен младиот човек.

Келнер во мадридскиот хотел со пет ѕвезди, Jurostar Hotel Tower, ги замоли играчите на Мароко да се фотографираат со нив, а потоа ги сподели фотографиите на социјалните мрежи. Тој на објавите ја означи и фудбалската асоцијација на Мароко со куп навреди, а објавите брзо достигнаа 70.000 прегледи.

Од полицијата изјавија дека младиот човек во најкраток можен рок ќе биде изведен пред судија и сослушан.

„Сакаме да го изразиме нашето најискрено извинување за овие несоодветни, расистички, ксенофобични и неприфатливи коментари“, велат од групата „Хотуса“, ​​која е сопственик на синџирот хотели.

Келнерот не е постојано вработен во хотелот, но повремено работи кога има потреба за тоа.

На прашањето за овој инцидент, селекторот на Мароко, Валид Реграги, рече дека тоа е месец Рамазан, месец на толеранција и простување во исламот.

„Не прифаќаме расизам, но сакаме да покажеме дека исламот е религија на толеранција. Му простуваме на оваа личност во согласност со нашата вера и обичаите на мароканскиот народ“, рече Реграги и додаде дека младиот човек „згрешил“ и го поканил да го посети Мароко и да ја „почуствува атмосферата меѓу луѓето за време на Рамазан“.

Минатиот викенд Мароко го совлада Бразил со 2:1 во пријателски натпревар и со тоа ја забележа првата победа на една арапска репрезентација против петкратниот светски шампион.