Connect with us

Фудбал

ВИДЕО: Познат точниот број на загинати во втората најголема трагедија во историјата на фудбалот, пристигнуваат страшни снимки

Најмалку 129 лица загинаа, а околу 180 се повредени вчера на вчерашниот фудбалски натпревар во Индонезија.

Трагедијата се случи веднаш по натпреварот на двата најголеми клуба во оваа земја. Домашниот тим Арема ФК загуби со 2:3 од најголемиот ривал Персебаја Сурабаја. Натпреварот се одржа во градот Маланг, а по неговото завршување, навивачите на домашната екипа истрчаа на теренот и настана целосен хаос.

Полицијата употреби солзавец за да ја преземе контролата врз ситуацијата, која е забранета со правилата на ФИФА, а потоа настанала паника, која резултирала со многу смртни случаи од задушување.

Медиумите, вклучително и угледниот Си-Ен-Ен, објавија дека досега загинале 129 лица, а бројката може дури и да се зголеми. Ова е втор најтрагичен настан во историјата на фудбалот по број на жртви.

„Имаше бунт. Стана анархично. Навивачите почнаа да напаѓаат полицајци, оштетувајќи автомобили“, изјави на прес-конференција Нико Афинта, началник на регионалната полиција. Меѓу убиените има и двајца полицајци.

Снимките од овој немил настан се застрашувачки. Објавена е снимка на која се гледа труп како лежи на подот. Според Ројтерс, торбите со тела биле прикажани и на локалните информативни канали. На снимката се гледаат и судири меѓу навивачите и безбедносните сили.

Фудбалскиот сојуз на Индонезија (ПССИ) ги суспендираше натпреварите следната недела поради трагедијата и му забрани на Арема ФК да биде домаќин на натпревари до крајот на сезоната. Во соопштението се додава дека инцидентот „го нарушил имиџот на индонезискиот фудбал“.

Персебаја објави и сочувство. Во случајот се вклучи и локалниот министер за спорт кој побара истрага. И PSSI ќе ја спроведе истрагата.

Индонезија треба да биде домаќин на Светското првенство за играчи до 20 години во 2023 година. Исто така, таа е една од трите земји кои се натпреваруваат за Азискиот куп следната година, откако Кина се повлече како домаќин.