41:0 Унгарија ја потопи Македонија во ватерполо – „Ватерполото беше мртво со години, сега повторно градиме систем“

Убедливиот пораз на македонската ватерполо репрезентација до 16 години од Унгарија со 41:0 на „Balkan Waterpolo Games 2026“ предизвика бројни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за состојбата во македонскиот спорт.
Резултатот беше оценет како симбол на подлабоките проблеми со кои со години се соочуваат спортските федерации, клубовите и младинските категории во земјава. Во јавноста се постави прашањето дали станува збор за еден исклучително лош натпревар или за последица на долгогодишното отсуство на стратегија, континуирани вложувања и развој на младите спортисти.
Сепак, критиките не треба да бидат насочени кон младите ватерполисти, кои последни треба да ја понесат одговорноста за состојбите во спортот. Одговорноста, пред сè, треба да се бара кај системот и кај оние што со години управуваат со спортот, ги распределуваат средствата и ги креираат условите за работа.
По реакциите, со официјално соопштение се огласи Националната пливачка федерација, од каде што посочуваат дека македонската селекција настапила со ватерполисти кои биле две до три години помлади од своите противници.
Од Федерацијата велат дека станувало збор за свесна и стратешка одлука, чија цел била младите играчи да почнат да стекнуваат искуство против силни европски репрезентации и да се подготвуваат за натпреварувањата што следуваат во наредните години.
„За нас, најголемата победа не е резултатот на семафорот, туку фактот дека по повеќе од 25 години Македонија повторно има младинска ватерполо репрезентација составена од домашни играчи“, соопштија од Националната пливачка федерација.
Оттаму нагласуваат дека во составот нема натурализирани ватерполисти од Хрватска, Србија, Црна Гора или од други земји, туку деца родени и спортски развивани во Македонија.
Според Федерацијата, оваа генерација веќе се подготвува за Европското првенство до 16 години во 2027 година, како и за Светското првенство во 2028 година. Поради тоа, било оценето дека е важно играчите уште сега да почувствуваат што значи да се настапува против репрезентации кои припаѓаат на европскиот и на светскиот врв.
Од Федерацијата признаваат дека состојбата во македонското ватерполо е далеку од задоволителна и дека ќе биде потребно време за достигнување на нивото на државите кои со децении системски инвестираат во овој спорт.
Како еден од најголемите проблеми го посочуваат недостигот од инфраструктура. Во Скопје, според нив, функционираат само два базени, кои повремено се и надвор од употреба.
„Ватерполото беше практично заборавено повеќе од 15 години, без континуитет и без јасна перспектива“, наведуваат од Федерацијата.
Во соопштението се додава дека раководството ја презело работата во услови на сериозни финансиски проблеми и нефункционален систем. Во изминатите три години повторно било организирано државното првенство, кое претходно не се одржувало од 2004 година, биле формирани нови клубови и биле создадени нови домашни генерации ватерполисти.
„Кога некој ќе праша дали сме на вистинскиот пат, нашиот одговор е јасен – да, сме на вистинскиот пат. Не затоа што денес победуваме, туку затоа што конечно градиме темели кои Македонија ги немаше со децении“, порачаа од Националната пливачка федерација.
Поразот од 41:0 останува тежок и поразителен резултат, но истовремено отвора и поширока дебата: дали треба веднаш да се бара резултат или да се прифати долгорочен процес на создавање домашни играчи и функционален систем.
Одговорите нема да ги даде едно соопштение, ниту еден натпревар. Ќе ги дадат условите за тренинг, бројот на деца што ќе останат во спортот, квалитетот на домашните натпреварувања и резултатите што оваа генерација ќе ги постигнува во следните години.
Дотогаш, останува обврската надлежните институции и спортските раководства транспарентно да покажат каде се вложуваат средствата, каква е стратегијата за развој и кога јавноста може да очекува конкретен напредок.



