Белград домаќин на финале во Лига Европа, Минхен и Барселона во Лигата на шампионите!

УЕФА на седницата на Извршниот комитет во Солун донесе важни одлуки за домаќините на финалињата на најголемите европски натпреварувања.
Минхен и „Алијанц Арена“ ќе бидат домаќини на финалето во Лигата на шампионите во 2028 година, додека финалето во 2029 година ќе се игра во Барселона, на „Камп Ноу“.
Голема вест стигна и за Белград. Националниот стадион, кој сè уште е во изградба, ќе биде домаќин на финалето во Лига Европа во 2029 година. Финалето во 2028 година ќе се игра во Букурешт.
Одлуката за домаќинството на Белград доаѓа и покрај контроверзиите околу однесувањето на навивачите и случаите на величење на воениот злосторник Ратко Младиќ и негирање/величење на геноцидот во Сребреница.
УЕФА денеска ќе ги избере и домаќините на останатите европски финалиња, вклучително и Суперкупот и женските натпреварувања, по што на дневен ред ќе дојдат и репрезентативните натпреварувања.



