SportM
Други

Беше крал на боксот, одбил борба со Тајсон, но и милионите, сега бара храна по контејнери (ВИДЕО)

Редакција14 окт 2026
Беше крал на боксот, одбил борба со Тајсон, но и милионите, сега бара храна по контејнери (ВИДЕО)

На социјалните мрежи се појави снимка на која Феликс Савон, трикратниот олимписки шампион во бокс, пребарува контејнер и вели дека собира храна. Снимката ја сподели кубанскиот професионален боксер Густаво Трухиљо, а засега не е познато каде и кога е направена. Мажот што го снима од автомобил го прашува:

„Шампионе, што се случува? Савон, што правиш, пријателе?“

Поранешниот боксер одговара:

„Собирам храна, нешто за јадење.“

Според пишувањата на порталот „Cuba Noticias 360“, откако снимката се проширила на социјалните мрежи, кубанскиот хуморист Лимај Бланко му врачил на Савон пакет со храна и Библија, кои ги испратила неговата црква „Cristo Cambia Vidas“ (Христос менува животи).

Савон е едно од најголемите имиња во историјата на аматерскиот бокс. Кубанскиот боксер во тешка категорија освои три последователни златни олимписки медали – во Барселона во 1992 година, во Атланта во 1996 година и во Сиднеј во 2000 година. Истиот подвиг го оствариле само уште Теофило Стивенсон и Ласло Пап.

Покрај олимписките злата, тој освоил и шест светски шампионски титули, четири злата на Светскиот куп, три на Панамериканските игри и четири на Игрите на Централна Америка и Карибите. Никогаш не преминал во професионалци, а ги одбивал и понудите вредни милиони долари за борба со Мајк Тајсон, бидејќи професионалниот бокс бил забранет во Куба.

Името на Савон во последните години се поврзува и со сериозни обвиненија. Кубанскиот независен новинар Абрахам Хименес Еноа во 2018 година објавил во списанието „Gatopardo“ дека Савон се наоѓа во притвор, под обвинение за сексуална злоупотреба на малолетник, по пријава од семејството на 12-годишно дете. Кубанските власти никогаш официјално не објавиле детали за обвинението, судењето или пресудата.

„CubaNet“ во јануари 2025 година, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Савон кон крајот на 2024 година бил пуштен на условна слобода, по шест години поминати во затвор. Не е познато врз која основа му бил одобрен условниот отпуст, ниту во каква ситуација се наоѓа денес.

Сподели

Поврзано

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.