Бојан Крстевски во фудбалски елемент: Шпанија, Франција и Аргентина се главни фаворити за мундијалскиот трон

Македонскиот кошаркарски репрезентативец и еден од нашите најтрофејни кошаркари, Бојан Крстевски, докажа дека одлично се снаоѓа и надвор од кошаркарскиот рекет. Во гостувањето во емисијата „Мундокаст“, посветена на Светското фудбалско првенство, тој ги сподели своите фудбалски прогнози, фаворити и клупски симпатии, потврдувајќи дека фудбалската треска не ги одминува ниту врвните спортисти од другите спортови.
Триото фаворити и турнирското искуство на Карло Анчелоти
Запрашан за тоа кој има најголеми шанси да го подигне златниот пехар, Крстевски издвои три велесили, давајќи ѝ блага предност на „Црвената фурија“.
„Искрено, Шпанците ги фаворизирам, иако сега не се покажаа најдобро со ремито против Зеленортските Острови. Од тоа што го покажаа на последното Европско првенство, тие се млада екипа со доста добра тимска игра. Покрај нив, тука се Французите со одлично силен состав, а нормално, не можете да ја исклучите ниту Аргентина.“
Што се однесува до Бразил, македонскиот кошаркар е претпазлив, истакнувајќи дека последниве 20 години оваа репрезентација не понудила нешто ново, но потенцираше еден клучен фактор – селекторот.
„Се надевам дека со Карло Анчелоти може да догураат далеку, бидејќи познавајќи го него, тој знае како да игра турнирски натпревари. Овие првенства се токму такви, не е сè во тоа кој како игра, туку како ќе го изменаџира целиот турнир.“
Симпатии за Норвешка и пофалби за африканските селекции
Надвор од најтесниот круг фаворити, Крстевски откри дека неговите симпатии се насочени кон северот на Европа, потенцирајќи ја Норвешка како екипа која би сакал да стигне што подалеку.
Тој не ги потцени ниту селекциите од африканскиот континент, за кои спортската јавност сè погласно зборува.
„Сите го споменуваат Мароко, и навистина имаат добар состав и добро играат. Но, и Сенегал покажа доста интересна игра, беа исклучително опасни во транзиција. Кога ќе почне нокаут-фазата, тогаш ќе го видиме вистинското Светско првенство.“
Верност кон Интер од ерата на Роналдо
На прашањето за клупскиот фудбал, Крстевски откри дека неговата љубов кон италијанскиот гигант Интер датира од крајот на минатиот милениум.
„Навивам за Интер уште од 1999-2000 година, од моментот кога вистинскиот Роналдо отиде таму. Поранешните години италијанското првенство беше најсилно и исклучиво тоа се следеше. Иако сега повеќе ја следам Премиер лигата, Интер останува мојот тим. Имаме домашни успеси, игравме неодамна финале во Лигата на шампионите, но искрено би сакал да видам и еден европски трофеј по долги години.“
Крстевски уште еднаш покажа дека, без разлика дали е на кошаркарскиот паркет или пред телевизорот следејќи фудбал, спортот секогаш се анализира со истата страст и посветеност.



