SportM
Фудбал

Борба за превласт во светскиот фудбал, УЕФА размислува за мини Светско првенство, конкуренција на ФИФА!?

Редакција4 авг 2026
Борба за превласт во светскиот фудбал, УЕФА размислува за мини Светско првенство, конкуренција на ФИФА!?

Борбата за превласт во светскиот фудбал би можела да предизвика еден од најголемите потреси во историјата на овој спорт.

Според британскиот весник The Times, УЕФА, заедно со КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ), ја разгледува можноста за формирање ново меѓународно натпреварување кое би било директна конкуренција на Светското првенство на ФИФА.

Наводно, овој потег е одговор на можната кандидатура на Џани Инфантино за четврти мандат на чело на ФИФА. Меѓу опциите што се разгледуваат е и своевиден бојкот на работата на ФИФА, вклучувајќи необезбедување кворум на седниците на Советот на ФИФА и одбивање да се потврдат одредени одлуки. Сепак, според изворите, се разгледуваат и многу порадикални сценарија.

УЕФА, наводно, веќе со години располага со разработен проект за Глобална Лига на нации, кој првпат бил претставен уште во 2017 година, но никогаш не бил реализиран.

Сега тој план би можел повторно да биде активиран и да послужи како основа за ново меѓународно натпреварување кое нема да биде под капата на ФИФА, туку на континенталните конфедерации.

„Сите се решени, враќање назад нема“, изјавил еден од изворите за The Times, додавајќи дека најсилните светски репрезентации повеќе би сакале да играат меѓусебни натпревари отколку против значително послаби селекции.

Според информациите на Sky Sports UK, континенталните Лиги на нации би останале квалификациска фаза за новото натпреварување.

Најуспешните репрезентации од УЕФА, КОНМЕБОЛ, КОНКАКАФ, АФЦ, КАФ и ОФЦ би обезбедиле пласман во Глобалната Лига на нации, каде што би биле распределени во седум различни турнири според позицијата на ФИФА ранг-листата.

Секој турнир би имал по осум репрезентации и би се играл по нокаут-систем, почнувајќи од четвртфиналето, додека завршниот турнир би се одржувал во земја-домаќин.

Најквалитетните репрезентации би настапувале во елитната дивизија, а останатите во пониските рангови. Така, секоја селекција би имала можност да игра завршен турнир против репрезентации со сличен квалитет.

Практично, наместо едно Светско првенство со 48 репрезентации, истовремено би се играле седум одделни меѓународни турнири под организација на континенталните конфедерации.

Иако конечна одлука сè уште не е донесена, самиот факт што се разгледува вакво сценарио покажува колку се нарушени односите меѓу ФИФА и дел од континенталните конфедерации.

Според The Times, незадоволството дополнително се засилило по неуспехот на проектот FIFA Forward Enterprises (FFE), преку кој Инфантино планирал дел од комерцијалните приходи од натпреварувањата на ФИФА да ги отвори за приватни инвеститори.

Доколку овој план се реализира, ФИФА за првпат би се соочила со сериозна конкуренција во организацијата на најголемите репрезентативни натпреварувања, што би можело целосно да ја промени иднината на меѓународниот фудбал.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.