Чави му соопшти на Алвеш дека нема да игра во Лига Европа, но не очекуваше таква реакција од Бразилецот

Пред неколку дена Барселона го објави официјалниот состав за натпреварите од Лига Европа.
Чави Ернандез се одлучи за играчите кои ќе конкурираат за ова натпреварување, а фокусот е на Дани Алвеш кој не се најде на списокот.
Барселона оваа зима покрај Алвеш ги доведе Феран Торес, Адама Траоре и Пјер-Емерик Обамејанг, а Чави мораше да отпише еден од четворицата во Лига Европа.
На крајот реши на списокот да не го вклучи Алвеш кој до крајот на оваа сезона ќе конкурира само за натпревари од Ла Лига.
Шпанските медиуми пишуваат дека Бразилецот не бил многу среќен поради ваквиот потег, и дека очекувал да се најде на списокот со оглед на искуството што го донесе во тимот со своето враќање.
„Спорт“ објави дека Алвеш ја прифатил одлуката на Чави, но дека јасно ставил до знаење дека не е задоволен со тоа и дека очекува да биде во конкуренција и за натпреварите од Лига Европа.
Наводно, Чави не очекувал Алвеш да замери на одлуката на тренерот и верувал дека Бразилецот без проблем ќе ја прифати, но згрешил. Многумина го критикуваа Чави што решил на списокот да го вклучи и Усман Дембеле, кој одби да го продолжи договорот, но после се, реши да се огласи и Алвеш кој малку ги смири страстите.
“Чави знае што мислам за тоа. Секогаш се трудев да му помогнам на тимот најдобро што можам. Дојдов во Барселона да помогнам, да донесам нова димензија во однос на конкуренцијата и борбата. Ако му помогнам на тимот со тоа што не бидам на списокот немам проблем со тоа. Посакувам и јас да бидам таму, но правилата се такви какви што се. Не ми пречи“, изјави Алвеш мислејќи на Дембеле.
„Мое лично мислење е дека треба да го користиме Усман Дембеле се додека го имаме на располагање. Треба да бидеме паметни и да го искористиме неговото присуство“.
Алвеш има договор со Барселона до крајот на сезоната и целта му е да игра што повеќе и подобро за да се избори за нов договор и да остане во клубот следната сезона.



