Чупиќ пред дербито со Еурофарм Пелистер: Вардар мора да оди на победа

Македонското ракометно дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер е многу повеќе од дерби, а ривалството на двата клуба може да се споредува со големите фудбалски дуели. Првакот Вардар во првата пресметка е домаќин, а воедно оваа екипа е со максимален ефект по досегашните осум кола.
– Играме дома, се надеваме на полна сала, добра атмосфера од навивачите и да продолжиме со победите. Ова е само прв дерби дуел со Пелистер и ќе има уште. Ние сме фаворити, очекувам добра игра, а независно кој ни е ривал во „Јане Сандански“ Вардар мора да „оди“ на победа. Нема да отстапиме од нашата игра, но секако дека ќе има нешто подготвено и за неделниот противник, изјави на прес конференцијата тренерот на Вардар, Иван Чупиќ.
Тој потенцираше дека ова е натпревар на двата клуба, а не на двајцата тренери (Иван Чупиќ и Лино Червар).
Голманот на Вардар и капитен Васил Гогов, за првпат ќе ја имаа и таа улога да ја предводи екипата во дербито.
– Имавме тежок месец со многу натпревари, секако и заморот е присутен. Но, ова е најголемото балканско дерби и мора да дадеме максимум. Победник е тој што ќе даде повеќе голови, ама според мене титули се освојуваат со одбраната. Очекувам одбраната и голманите да го решат натпреварот, а секако посакувам победа, изјави Гогов.
Дербито според најавите ќе се игра со присуство на двете навивачки групи, а се игра во недела со почеток во 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.



