SportM
Фудбал

Да се родиш случајно во САД – како авиокомпанија „уреди“ напаѓач за „Јенките“?

Редакција19 јун 2026
Да се родиш случајно во САД – како авиокомпанија „уреди“ напаѓач за „Јенките“?

Неверојатната животна приказна на напаѓачот на Монако Фоларин Балогун е уште една потврда дека понекогаш судбината има необично чувство за хумор. Еден откажан лет од страна на авиокомпанија го одредил местото на неговото раѓање во Соединетите Американски Држави, а децении подоцна истиот тој случаен настан му ја отвори вратата да ја предводи американската репрезентација на Мундијал.

Во 2001 година, родителите на Балогун, кои живееле во Лондон, заминале на одмор во Њујорк. Мајка му, по потекло Нигеријка, била во седмиот месец од бременоста кога дошло време за враќање во британската престолнина. Плановите пропаднале: поради напредната бременост и безбедносни причини, авиокомпанијата одбила да ја качи на летот. Така, по волјата на правилата во цивилната авијација – и на судбината – Фоларин се родил во Бруклин, Њујорк. Првиот месец од животот го поминал таму, а токму тој факт години подоцна станал неговиот билет за дресот на САД и настап на Светско првенство.

Гледано низ призмата на денешната американска политичка стварност, лесно е да се замисли и поинаков развој на настаните. Но токму збирот на околности го претворил еден инцидент на аеродром во златна можност за американскиот фудбал – и за самиот Балогун.

Кога дојде моментот да избере за која репрезентација ќе настапува, младиот талент од академијата на Арсенал беше посакуван од три држави. Имаше право да игра за САД – по местото на раѓање; за Англија – каде што порасна и мина низ сите младински селекции до 21 година; и за Нигерија – по потекло на неговите родители. Иако чекор по чекор изоде низ англиските младински состави, Балогун го послуша мајчиниот инстинкт и верувањето дека судбината веќе ја трасирала патеката: да ја претставува земјата во која дошол на свет.

Дваесет и пет години подоцна, изборот изгледа целосно оправдан. Балогун досега има осум погодоци на 25 натпревари за САД и е клучна фигура во нападот. На овој Мундијал, „Јенките“ веќе стартуваа со импресивна победа од 4:1 против Парагвај, а во групната фаза ги очекуваат уште дуели со Австралија и Турција. Доколку САД успее да ја помине групата, напаѓачот ќе добие шанса да го прослави роденденот токму во земјата која, благодарение на една авиокомпанија, стана негово место на раѓање и негов фудбалски дом.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.