Екс претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски со гаранција од 508.000 евра излегува од притвор!

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, излегува од притвор откако Судот, по позитивно мислење дадено од Обвинителството, ја прифатил гаранцијата од имот во вредност од 508.000 евра и му определил му се мерки на претпазливост – јавување во суд и одземена патна исправа.
Од Основниот кривичен суд Скопје, информираат дека притворот е укинат и за уште две лица и заменет со гарација и мерки. За Томислав Младеновски е депонирана гаранција во вредност од 206 000 евра, додека за Ѓуро Чубриновски 1 600 000 евра.
Во акцијата на Обвинителството за организиран криминал и корупција опфатени беа 18 лица од кои во акција во јуни годинава 12 беа приведени. Од 12-те приведени, Обвинителството бараше притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица. Тие се сомничат за проневера на повеќе од 180 милиони денари во ФФМ.
Како резултат на повеќегодишна предистражна постапка за ФФМ, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Управата за финансиска полиција и МВР, извршија претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации во Скопје, при што од слобода беа лишени 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, а пет лица во моментот се недостапни за органите на прогонот.
Кривичниот суд на 19 јуни годинава, по сослушување на осомничените за проневера во ФФМ на поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиевски и уште две лица им определи мерка притвор од 30 дена, а на пет лица им е определен куќен притвор.
Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против самите правни лица, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.
Поранешниот претседтаел на ФФМ, Муамед Сејдини беше уапсен во април годинава и му беше определен притвор поради основано сомневање дека сторило кривично дело проневера во службата со парични средства поврзани со изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.



