Фудбал
ФФМ во финансиски минус од еден милион евра

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го одржа своето редовно изборно генерално собрание, на кое актуелниот претседател Масар Омерагиќ беше единствениот кандидат и доби нов четиригодишен мандат. Меѓу главните теми на Собранието беше финансиската состојба во федерацијата, каде што Омерагиќ откри загрижувачки податоци – долг од еден милион евра.
„Важно е да зборуваме транспарентно за финансиската состојба, бидејќи секоја стабилна и успешна организација мора да се потпира на одговорно управување со средствата. Факт е дека во изминатите две години федерацијата имала повеќе расходи отколку приходи. Само во реалното работење, федерацијата е во минус од еден милион евра“, изјави Омерагиќ пред делегатите.
Тој посочи дека ваквата финансиска состојба е резултат на лошо планирање, недостаток на контрола и пробиен буџет, особено во Фудбалската академија, која, наместо да биде центар за развој на млади таленти, се соочувала со непродуктивни трошоци и несоодветни услови за работа.
Новото раководство на ФФМ ќе се соочи со сериозен предизвик за финансиска стабилизација, а Омерагиќ најави дека приоритет во неговиот нов мандат ќе биде враќањето на финансиската рамнотежа и воспоставување на поефикасна стратегија за управување со средствата.