Фудбалски земјотрес во Англија, Манчестер Сити прогласен за виновен по 114 точки, можна казна исфрлање од лигата!

Англиските медиуми објавија дека Манчестер Сити е прогласен за виновен по речиси сите точки од обвинението за прекршување на финансиските правила на Премиер лигата.
Според информациите што ги пренесува „The Athletic“, актуелниот вицешампион на Англија е виновен по дури 114 од вкупно 115 точки што му се ставаат на товар.
Независна комисија допрва треба да ја одреди висината на казната, а опциите се движат од високи парични санкции и одземање бодови, па сè до исфрлање од лигата.
Од клубот од „Етихад“ веднаш најавија дека ќе поднесат жалба на оваа одлука.
Да потсетиме, Премиер лигата го поднесе обвинението уште во февруари 2023 година, по четиригодишна истрага, а обвиненијата се однесуваат на периодот од 2009 до 2018 година.
Обвиненијата главно се однесуваат на доставување неточни финансиски извештаи, нетранспарентни исплати на поранешниот менаџер Роберто Манчини и играчите, како и прекршување на правилата на УЕФА за финансиски фер-плеј.
Покрај тоа, голем дел од точките се однесуваат и на одбивањето да соработуваат со истражителите во текот на самата постапка.
Со тоа, целиот процес сигурно нема наскоро да заврши, па во англискиот фудбал се очекува продолжување на долгата правна битка.



