SportM
Фудбал

Инфантино се извини: Ветувам, нема да се повтори!

Редакција6 авг 2026
Инфантино се извини: Ветувам, нема да се повтори!

Се чини дека Џани Инфантино посегна по последното решение за да остане претседател на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) – се извини за предлогот за продажба на удел во Светското првенство.

Инфантино на вчерашниот кризен состанок на раководството на ФИФА во Мароко доби поддршка од водечките луѓе на организацијата, а за возврат се извини за, како што истакна, „грешката што беше направена со предлогот за продажба на удел во Светското првенство на приватни инвеститори“.

ФИФА испрати соопштение до сите свои членки во име на организацијата, во кое Инфантино се извинува за направената „грешка“.

Во писмото, кое било испратено до 211-те членки на ФИФА, а во кое увид имал Би-Би-Си, се наведува дека раководството на ФИФА му дало целосна поддршка на Инфантино.

Инфантино „искрено се извини“ за своите грешки и вети дека тие нема да се повторат. Исто така, појасни дека „немало намера“ националните фудбалски сојузи да се чувствуваат исклучени од донесувањето одлуки важни за светскиот фудбал.

Со овој потег Инфантино го направи својот последен, очајнички обид да обезбеди и четврти мандат на чело на ФИФА на изборите во март следната година. Сепак, според сегашните околности, неговите шанси за тоа се речиси непостоечки.

Противкандидатите за функцијата претседател на ФИФА имаат рок до 18 ноември да ги поднесат своите кандидатури, а изборите ќе се одржат на Конгресот на ФИФА во Мароко, во март 2027 година. За победа ќе бидат потребни 106 гласа од вкупно 211-те членки на организацијата.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.