SportM
Кошарка

Кошаркарите на Србија го освоија бронзениот медал на Олимписките игри!

Редакција10 авг 2024
Кошаркарите на Србија го освоија бронзениот медал на Олимписките игри!

Српските кошаркари ја освоија бронзата на Олимписките игри во Париз со победата над Германија со 93:83. Србија одлично го отвори натпреварот и многу брзо поведе со шест поени разлика (9:3), а по првите 10 минути игра водеше со девет поени разлика (30:21).

На почетокот на втората четвртина избраниците на Светислав Пешиќ отидоа на плус 14 (37:23), а Германците до полувремето успеаја да ја намалат разликата на осум поени, а Србија во вториот дел влезе со предност од 46:38.

Србија во првите две и пол минути од третата четвртина направи серија од 6:0 и поведе со 52:38. Меѓутоа, кога Германците повторно стигнаа до едноцифрена негатива (54:45), Алекса Аврамовиќ погоди тројка за само 30 секунди, па двапати положи за 61:45, а Огњен Добриќ потоа го зголеми резултатот на максимални +19 со тројка (64:45 ).

Сепак, Германците набрзина ја намалија негативата на 10 поени за само една минута (67:57), а Србија во последната четвртина влезе со девет поени предност (72:63). Во средината на последната четвртина Германците намалија на осум поени разлика (82:74), но повеќе од тоа не можеа и Србија заслужено го освои третото место. Србија до бронзата ја предводеа феноменалниот Никола Јокиќ, кој оствари трипл-дабл учинок (19 поени, 12 скока, 11 асистенции), Василије Мициќ (19 поени) и Богдан Богдановиќ (16 поени). Ова е втор пат Србија да освојува олимписки медал под таа титула, бидејќи пред осум години го освоија среброто во Рио. Претходно, како СР Југославија, освоија сребро и во Атланта во 1996 година, а двата пати беа поразени во финалето од Соединетите Американски Држави.

Да потсетиме, во борбата за златото вечерва од 21:30 часот се среќаваат Соединетите Американски Држави и Франција.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.