SportM
Други

Луис Хамилтон влезе во првите десет највозрасни победници во Формула 1

Редакција15 јун 2026
Луис Хамилтон влезе во првите десет највозрасни победници во Формула 1

Фото: tv21m

Додека младиот Андреа Кими Антонели руши рекорди за најмлад возач со историски остварувања, Луис Хамилтон веќе се пробива во табелите за највозрасни пилоти со врвни резултати. Со блескава изведба во Барселона, Британецот ја запиша својата прва победа со Ферари и истовремено влезе во елитното друштво на највозрасните победници во Формула 1.

Триумфот во трката за Гран при на Барселона дојде на 41 година и 158 дена, со што Хамилтон се искачи на седмото место на вечната листа на највозрасни победници во шампионатот. Воедно, тој стана и највозрасниот победник во трка од светскиот шампионат по Гран при на Јужна Африка во 1970 година, кога легендарниот Џек Бребем славеше на 43 години и 339 дена.

Апсолутниот рекорд го држи Луиџи Фаџиоли, кој во 1951 година победи на Гран при на Франција на 53 години и 22 дена. Зад него се првиот светски шампион Џузепе Фарина, чииот последен триумф е на Гран при на Германија во 1953 година, и Хуан Мануел Фанџо, кој четири години подоцна исто така победи на Нирбургринг и го зазема третото место на оваа листа. Во друштвото се и Пјеро Таруфи, споменатиот Џек Бребем и Сем Хенкс, со забелешка дека победата на Американецот е од трката Индијанаполис 500 во 1957 година – тогаш дел од календарот на Формула 1, иако не се возеше по правилата на светскиот шампионат и многу ѕвезди на Формула 1 воопшто не патуваа во Соединетите Американски Држави за да учествуваат.

Актуелната прва десетка на највозрасни победници изгледа вака: Луиџи Фаџиоли (53 години и 22 дена, Гран при на Франција 1951), Џузепе Фарина (46 години и 276 дена, Гран при на Германија 1953), Хуан Мануел Фанџо (46 години и 41 ден, Гран при на Германија 1957), Пјеро Таруфи (45 години и 219 дена, Гран при на Швајцарија 1952), Џек Бребем (43 години и 339 дена, Гран при на Јужна Африка 1970), Сем Хенкс (42 години и 321 ден, Индијанаполис 500 во 1957), Луис Хамилтон (41 година и 158 дена, Гран при на Барселона 2026), Најџел Менсел (41 година и 97 дена, Гран при на Австралија 1994), Ли Волард (40 години и 264 дена, Индијанаполис 500 во 1951) и Морис Тринтињан (40 години и 200 дена, Гран при на Монако 1958).

Победата во Барселона беше прва за Хамилтон во боите на Ферари и уште една потврда дека и на 41 година останува закана за титулата, како што истакна Тото Волф. Притоа, тој сега има триумфи на 32 различни трки од календарот, а заедно со Џорџ Расел и Ландо Норис постигна подвиг невиден од 1968 година наваму. Искусниот ас уште еднаш покажа дека возраста е само број кога талентот, подготовката и тркачката интелигенција се на највисоко ниво.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.