Македонскиот талент Матеј Николов по триумфот со Атлетико Мадрид: Во Шпанија се живее за фудбалот!

Младиот и исклучително талентиран македонски фудбалер, Матеј Николов, кој е дел од пионерските структури на ФК Вардар под водство на тренерот Христијан Кировски – Џери, гостуваше во премиерното издание на „Мундокаст“ на 4ТВ по неговиот спектакуларен престој во Мадрид.
Николов помина две недели на проба во шпанскиот гигант Атлетико Мадрид, каде што настапи за генерацијата 2010 на престижен турнир. Неговиот тим извојува убедлива победа во финалето против Леганес со 9:1, а македонскиот интернационалец блесна со три асистенции.
„Тоа е огромно искуство што би му го препорачал на секое дете. Атлетико Мадрид е меѓу топ-10 клубовите во светот и нивната организација е страшна. Имаат исклучителен тренинг-комплекс и по 8 тренери во секоја генерација. Луѓето таму едноставно живеат за фудбалот. Бев одлично прифатен од соиграчите“, изјави Николов.
За време на престојот, тој имаше можност да го следи натпреварот меѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао од ВИП-ложата на стадионот „Метрополитано“, каде што се сретна со претседателот на Шпанската федерација и легендарниот шпански напаѓач Давид Виља.
Иако разговорите за неговата иднина ги водат неговите менаџери, Николов не ја крие својата најголема желба — еден ден да заигра за Манчестер Јунајтед, љубов со која е задоен од неговиот татко уште од најмала возраст. Младиот фудбалер е оптимист за иднината на нашиот спорт и смета дека со правилно вложување, Македонија за 5 до 10 години има реален потенцијал да се пласира на еден голем Мундијал.



