Connect with us

Други спортови

МОК му забрани: Украински олимпиец не може да настапи со кацига со ликовите на украински спортисти кои загинаа во војната со Русија

Украинскиот скелетонец Владислав Хераскевич ќе може на натпреварувањето на Зимските олимписки игри Милано–Кортина да носи црна лента околу раката, соопшти денес Меѓународниот олимписки комитет (МОК), но не и кацигата со која сакаше да им оддаде почит на спортистите од неговата земја загинати во војната со Русија.
МОК овој потег го нарече компромис.

„Мислам дека се обидовме да одговориме на неговите желби со доза на сочувство и разбирање“, изјави денес портпаролот на МОК, Марк Адамс, додавајќи:

„Тој се огласи на социјалните мрежи и за време на тренинзите и, како што знаете, нема да го спречуваме да се изразува на прес-конференции, кога излегува од натпреварувањето во микс-зоната и на други места. Сметаме дека ова е добар компромис во дадената ситуација.“

Хераскевич наведе дека МОК синоќа му соопштил дека не може да ја носи кацигата на која се насликани лицата на неколку украински спортисти убиени од 2022 година, бидејќи олимписките функционери одлучиле дека со тоа се прекршува правилото за забрана на политички пораки.

Хераскевич, кој минатата година го освои четвртото место на Светското првенство и важи за потенцијален освојувач на медал на овие Игри, денес и утре има закажани дополнителни тренинг-возења, а се очекува да настапи во машката олимписка трка во скелетон во четврток.