Николов: Иако Шкендија е од Македонија, ќе навивам за ФЦСБ!

Фото: tv21m
Поранешниот македонски репрезентативец, Бобан Николов, кој порано играше во првенството во Романија, го посети тренингот на романскиот тим ФЦСБ во Скопје во пресрет на пресметката против Шкендија во рамките од втората квалификациска рунда од ЛШ.
Секако, со неговото присуство го привлече вниманието на романските новинари, за кои даде изјава која предизвика реакции кај нас дома. Тој вели дека на овој меч ќе навива против Шкендија, односно за романскиот тим ФЦСБ (поранешна Стеауа).
-Со некои од нив сум играл и останавме пријатели (за играчите на ФЦСБ), иако си заминав. Ми е мило што дојдоа, се видовме повторно и се надевам дека ќе победат. Верувам дека ФЦСБ ќе победи. Иако Шкендија е македонски тим, навивам за мојот поранешен клуб. Ќе дојдам утре да ги поддржам, изјави Николов, а пренесува Orange Sport.
Првиот натпревар се игра вечерва (22 јули), на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, додека реваншот е на 30 јули во Букурешт, на „Арена Национала“.
Николов во Романија играше токму за ФЦСБ (поранешна Стеауа) една година, а претходно три сезони настапуваше за Виторул Констанца.



