Фудбал
ОФИЦИЈАЛНО: Благоја Милевски не е повеќе селектор на Македонија
Благоја Милевски не е повеќе селектор на Македонија. Неговиот договор со ФФМ му истече, а федерацијата не планира да го продолжи. Како што велат од таму, време е за нов импулс и свежа енергија во репрезентацијата.
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да не го продолжи договорот со селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски, чиј мандат истече на 30 ноември 2025 година, а во работата на најважните две репрезентации на Македонија беше вклучен од 2014 година.
-Фудбалската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб за посветената работа, професионалната соработка и постигнатите резултати. Му посакуваме многу успех во понатамошната тренерска кариера. Управниот одбор на ФФМ смета дека на македонската А репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција. Веруваме дека со нов стручeн тим ќе се внесе „нов ветер“ во работата на тимот, кој ќе овозможи уште поголема конкурентност и амбиција во натпреварите на Македонија, велат од ФФМ.
Во својот мандат на клупата на најдобрата македонска репрезентација, од 1. август 2021 година, Милевски ја предводеше Македонија на 48 натпревари. Под негово водство, репрезентацијата забележа 18 победи, 14 нерешени и 16 порази. Во овој период, Македонија успеа да избори два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации и обезбеди настап во Б дивизијата во следното издание на натпреварувањето.
Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25. декември 2025 година ќе донесе одлука за назначување на нов предводник на А репрезентацијата на Македонија.