Connect with us

Други спортови

Пет години се подготвуваше за ЗОИ, а не може да настапи затоа што е жена: Плачев осум часа без прекин

Американската спортистка Аника Малачински нема да може да се натпреварува оваа година на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, а причината е тоа што жените не се натпреваруваат во спортот со кој таа се занимава.

Малачински се занимава со нордиска комбинација, еден од најстарите олимписки спортови, кој бил дел од програмата уште на првите Зимски олимписки игри во 1924 година во Шамони.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by SELF (@selfmagazine)

Од тогаш па сè до денес, жените не се натпреваруваат во овој спорт кој ги спојува ски-скоковите и крос-кантри скијањето, а Меѓународниот олимписки комитет (МОК) очигледно нема планови тоа да го промени.

Имено, во пресрет на Олимписките игри во 2026 година, МОК донесе одлука да не се воведе женска конкуренција, со образложение дека спортот „не е применлив во женска категорија“.

Како причини беа наведени малата гледаност на женските натпреварувања и малиот број земји кои учествуваат.

Оваа одлука ја растажила Малачински, а во разговор за списанието Self таа се присети на моментот кога ја дознала лошата вест.

„Пет години тренирав за мојот спорт и бев целосно подготвена да испишам историја. Дури во себе размислував да ја замолам стјуардесата за чаша шампањ во исчекување на објавата“, напиша Малачински.

„Наместо тоа, плачев осум часа без прекин. Додека седев таму, во авионот, сознанието дека мојот сон ќе остане недостижен уште четири години целосно ме скрши“, додаде таа.

Поради одлуката на МОК, таа ќе може да ги следи Олимписките игри само на телевизија, каде што ќе го гледа и својот брат како се натпреварува во нордиска комбинација.