Connect with us

Фудбал

Почина легендарниот голман, единствениот кој ги одбранил сите пенали во едно финале на Лигата на шампионите! (ВИДЕО)

На 66-годишна возраст денеска почина Хелмут Дукадам, поранешниот романски голман и човекот кој на Стеауа и ја донесе титулата клупски првак на Европа во 1986 година. Во 1982 година, Дукадам се пресели од Арад во Стеауа Букурешт, со која стигна до финалето на Купот на шампионите во 1986 година и со маестрална игра ја освои титулата европски првак на својот тим. Резултатот на финалниот натпревар во Севиља на стадионот „Рамон Санчез Писхуан“ против Барселона беше 0:0 по 120 минути, а титулата европски првак ја решаваа пенали.

Дукадам ги одбрани сите четири изведени пенали на Каталонците. Алексанко, Педраза, Алонсо и Маркос не успеаја да постигнат гол од белата точка против Дукадам, додека Лакатус и Балинт го матираа Урутикоечеа и Стеауа стана првиот клуб од Источна Европа кој стана континентален шампион.

Така Дукадам стана херој на Стеауа, а во исто време влезе во Гинисовата книга на рекорди како единствен голман кој ги одбранил сите пенали во финалето на Купот на шампионите/ЛШ. Само неколку недели по чудесната ноќ во Севиља, на Дукадам му беше дијагностицирано ретко нарушување на крвта и беше принуден да ја заврши кариерата. Три години подоцна се враќа на теренот играјќи во второлигашот за Вагонул Арад, а се пензионира во 1991 година. По завршувањето на кариерата, тој работел како офицер на романската гранична полиција во родниот град Семлац кај Арад, а во 2010 година станал почесен претседател на Стеауа.