Празни трибини и астрономски цени на Светското првенство 2026

Светското првенство во фудбал 2026 година штотуку започна, но наместо очекуваната фудбалска еуфорија, главна тема на дебата се празните столчиња на стадионите. Динамичниот модел за одредување на цените на билетите на ФИФА предизвика бурни реакции, откако астрономските суми ги оставија трибините полупразни. Повеќе детали за овој скандал кој фрла сенка врз Мундијалот имаме во прилогот што следува.
Слика која не е вообичаена за најголемиот фудбалски настан на планетата. Видливи празни седишта на стадионот „Акрон“ во Мексико за време на натпреварот меѓу Јужна Кореја и Чешка, како и над илјада непродадени билети на дебито на Канада против Босна и Херцеговина во Торонто. Причината? Астрономските цени на влезниците.
Според извештаите, билетите во најатрактивните зони достигнуваат цени од 400 до фрапантни 5.000 долари. За еден просечен навивач да проследи по еден натпревар во секоја од осумте фази на турнирот, потребни се над 5.200 долари. Ова доведе до тоа многубројни фанови едноставно да не можат да си дозволат присуство на стадионите.
Јавните обвинители на Њујорк и Њу Џерси веќе ја обвинија светската фудбалска куќа за „вештачко пумпање на цените“. И покрај фактот што само 29 од вкупно 104 натпревари биле целосно распродадени пред почетокот на турнирот, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, категорично го брани овој систем, тврдејќи дека тој ги штити билетите од препродавачите.
„Ако ги продаваме по пониска цена, тие би завршиле на секундарните пазари по многу повисоки цени, а парите би отишле кај организаторите на црниот пазар, а не во фудбалот. Секој долар што влегува кај нас се враќа во развојот на фудбалот. Ние ги инвестираме овие приходи во раст“, вели Џани Инфантино.
Како одговор на критиките за празните седишта за време на натпреварот во Гвадалахара, ФИФА излезе со официјално соопштение. Тие се правдаат дека бројката на посетеност се базира на скенирани билети на влезовите, а не на визуелна проценка на трибините. Според нивното објаснување, голем дел од навивачите со купени билети стоеле во ходниците на стадионите наместо на своите седишта.
Слично оправдување беше посочено и за натпреварот на Канада, каде празните столчиња беа највидливи на почетокот на второто полувреме, кога публиката сè уште се враќала на своите места.
Сепак, фактите остануваат – илјадници скапи билети стоеја непродадени дури и на неколку часа пред почетокот на историските натпревари. Дали ФИФА ќе ја признае грешката со динамичниот ценовник или ќе продолжи да ги игнорира полупразните стадиони, останува да видиме во неделите кои претстојат.
Очите на јавноста сега се вперени кон претстојните натпревари, меѓу кои и дуелот на Швајцарија со Катар, за да се види дали трендот на празни седишта ќе продолжи. Останете со нас за повеќе вести од Мундијалот.



