Connect with us

Други спортови

Преседан – за прв пат двајца светски шампиони во шах

Светското првенство во шах во Њујорк заврши со двајца шампиони во машка конкуренција. Тоа се Норвежанецот Магнус Карлсен и Русинот Јан Непомњашчи.

Овој безпрецедентен случај стана реалност по предлог на Карлсен, кој искористи „пропуст“ во новиот формат на светското првенство. Откако во понеделник се одиграа 13 круга блиц, првите осум играчи на табелата продолжија во фазата на директни елиминации.

До финалето стигнаа Карлсен и Непомњашчи. Норвежанецот претходно ги совлада Американецот Ханс Ниман со 2,5:1,5 поени и Полјакот Јан-Кжиштоф Дуда со 3:0. Од друга страна, Непомњашчи ги елиминираше својот сонародник Володар Мурзин со 2,5:0,5 поени и Американецот Весли Со со 3:2.

Во финалето, Карлсен поведе со 2:0 поени и му беше потребно само реми во следните две партии за да стане шампион. Сепак, дозволи Непомњашчи да го израмни резултатот. Потоа, двајцата велемајстори одиграа три последователни ремија, по што Карлсен предложи поделба на титулата, што беше прифатено од неговиот противник.

За Карлсен, кој повеќе од една деценија е лидер на светската ранг-листа, ова е осма светска титула во блиц шах. За Непомњашчи, ова е прва таква титула.

Во машка конкуренција, нема сребрен медалист, но бронзени медали освоија Дуда и Со, кои веќе имаа гарантирани медали со пласманот во полуфиналето.

Кај жените, титулата за првпат ја освои Кинеската шахистка Џу Венџун, која во финалето со резултат 3,5:2,5 ја победи својата сонародничка Леј Тингџие. Бронзените медали ги освоија Индијката Ваишали Рамешбабу и Русинката Катерина Лагно.