Connect with us

Фудбал

Роналдињо и Кафу покажаа големина, се враќаат на теренот за помош на настраданите

Легендарните бразилски фудбалери Роналдињо и Кафу организираат хуманитарен натпревар за собирање средства за настраданите од поплавите во тамошниот регион Рио Гранде до Сул. Бразилскиот регион Рио Гранде до Сул остана пуст по страшните поплави кои однесоа многу животи и предизвикаа голема материјална штета од која Бразилците нема да се опорават долго време.

Временската катастрофа ќе остане запаметена како една од најразорните во историјата на Бразил. Трагедијата го обедини и фудбалскиот свет во Бразил, па екипите од тој регион Гремио и Интернасионал ги ставија своите стадиони на располагање на настраданото население. Дел од фудбалерите излегоа и на улица за да им помогнат на оние на кои тоа им е најпотребно. Уште еден чекор што го презедоа фудбалерите е организирање на хуманитарен натпревар на кој сите собрани средства ќе бидат наменети за настраданите од оваа катастрофа.

Натпреварот е во организација на Глобо, а први одговорија фудбалските гиганти Роналдињо и Кафу.

„Имавме можност да го кренеме пехарот на светскиот шампион, а сега ќе го кренеме и пехарот за солидарност. Да им помогнеме на нашите браќа од Рио Гранде до Сул во овој тежок момент“, рече Кафу.

Натпреварот ќе се игра на легендарната Маракана и ќе се пренесува на бројни светски канали. Цената на билетот ќе изнесува симболични 30 реали или 5,5 евра. Фудбалот во Бразил беше целосно запрен по големата трагедија, па сите фудбалери имаат време да одговорат на една ваква убава иницијатива.