Се огласи Шкендија по казната од ФФМ, бара да се поништи одлуката, во опција целосно повлекување на главниот спонзор

Шкендија се огласи откако доби голема казна од ФФМ поради инцидентите за време на финалето на Купот против Силекс (0:1).
Шкендија е казнета со исфрлање од Купот следната сезона поради одбивањето на фудбалерите да ги примат медалите, но и парична казна и забрана за присуство на навивачи, за непочитувањето на химната.
Во соопштението се нагласува дека главниот спонзор ја разгледува опцијата целосно да се повлече од фудбалот доколку казната не биде повлечена.
По неодамнешната одлука на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) против ФК Шкендија, спонзорот на клубот бара оваа скандалозна одлука итно да се преиспита и корегира.
ФК Шкендија е меѓу ретките клубови кои работеле со сериозност, коректност и целосно почитување на спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините имаше големи трошоци, напори и жртви. Покрај тоа, Шкендија е клубот кој, со своите достоинствени настапи во Европа, го зголеми коефициентот на лигата, од кој имаат корист сите локални клубови и благодарение на што, од следната година, нашиот фудбал ќе има дополнително место во европските купови.
Затоа, неприфатливо е одлуките донесени на маса да му штетат на сериозен проект и да го наградуваат овој придонес со намерен удар. Овој пристап нè наведува и да ја разгледаме опцијата за повлекување од клубот/фудбалот во Северна Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, тогаш ние како спонзор сериозно ќе размислиме за понатамошно продолжување, бидејќи оваа одлука ги крши правата и политиките на клубот.
Очекуваме органите на ФФМ итно да размислат, во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто.
Поврзани вести

Наполи не сака да плати 17 милиони евра, Елиф Елмас го одбил Фенербахче, сака во Премиер лигата, а има еден заинтересиран клуб!

Прво интервју на Столе Димитриевски по новиот договор: Знам што претставува Валенсија, ова е голем клуб (ВИДЕО)

