Се руши угледот на Инфантино, Велс прв ја повлече поддршката за негов реизбор за претседател на ФИФА

Фудбалската асоцијација на Велс (ФАВ) стана првата федерација која официјално ја повлече својата поддршка за реизбор на Џани Инфантино за претседател на ФИФА, јави денеска телевизијата Скај Спорт.
Истиот извор наведе дека одлуката е резултат на загубената довербата во раководењето на Инфантино со ФИФА, по контроверзниот обид за продажба на удел во Светското првенство на приватни инвеститори.
Во дописот на ФАВ што официјално е испратен до ФИФА се потврдува „повлекувањето на поддршката за кандидатурата на Инфантино за реизбор на претседателската должност за мандатот од 2027 до 2031 година“.
„Неодамнешните пропусти во доброто управување, процесите, лидерството, вредностите, управувањето со засегнатите страни, комуникацијата и здравата проценка нè доведоа до позиција во која Инфантино ја загуби довербата на ФАВ да остане на чело на светскиот фудбал. Неуспехот да се стават најдобрите интереси на фудбалот на прво место е неуспех што не можеме да го прифатиме“, се додава во соопштението.



