Се сеќавате ли на најубавиот гол во финалињата во ЛШ, беше на денешен ден во 2002 година (ВИДЕО)

Фото: tv21m
Име: Зинедин. Презиме: Зидан. Каков фудбалер беше тоа. Еден од најголемите, најдобрите играчи на сите времиња. Она што Французинот го правеше на теренот најдобро може да се опише со три збора – пишување фудбалска поезија. Навистина, Зизу беше поет меѓу фудбалерите. Елегантен како лебед, брз како гепард, со компјутер во мозокот.
Тој освои сè што може да се освои. Тој беше европски и светски шампион со Франција. Со Јувентус, двапати беше шампион на Италија, додека играше за Реал ја прослави титулата во Примера дивизион, како и Лигата на шампионите. Интересно е што во улога на тренер на кралскиот клуб, тој три пати ја освои Лигата на шампионите. Но, како играч, само еднаш.
За оние кои се сеќаваат на финалето на најдоброто фудбалско клупско натпреварување во 2002 година, тоа беше „оној волеј“. За оние кои не се сеќаваат, тоа беше – голиште, ремек дело.! И токму Зизу го донесе трофејот на Реал. Вистинско ремек-дело. Тој фати волеј од работ на шеснаесетникот, кој го искористи за да ја „скине пајажината“ од голот на Баер Леверкузен, за 2:1 во корист на „Кралевите“, што беше и конечниот резултат. Какво уметничко задоволство беше тоа…



