Седлоски пред дуелот со Швајцарија: Очекувам поддршка од трибините!

Македонската А-репрезентација ги привршува подготовките за првиот меѓусебен натпревар со Швајцарија. Дуелот против еден од најквалитетните европски национални тимови е закажан за в сабота, од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Со овој натпревар Македонија го отвора новиот циклус во Лигата на нации и својата прва сезона во Лига Б. Во групата Б1, покрај Швајцарија, наши противници се и селекциите на Словенија и Шкотска.
По четирите одработени тренинзи во пресрет на натпреварот, селекторот Гоце Седлоски е задоволен од односот и работата на фудбалерите.
-Од сите играчи сум презадоволен. Сите четири тренинзи ги одработија максимално и знаат што треба да работат на терен. Против секој противник треба да се игра, па така и против силната Швајцарија. Знаеме каков ростер имаат, но сакам да размислуваме пред се за нас. Сите наши фудбалери се здрави и тренираат добро, освен Николов кој нема да настапи. Со помош на публиката верувам дека можеме до позитивен резултат. Очекуваме голема поддршка од трибините, а наше е да прикажеме добра игра“, изјави Седлоски.



