Други спортови
Селекторот Пауновиќ – мостот што ги поврзува македонските одбојкарки со меѓународните клубови
Српскиот тренер Стефан Пауновиќ од 2022 година е на чело на женската одбојкарска репрезентација на Македонија. Со богато искуство во Србија, Романија, Либија, Финска и најново во Словачка, тој стана клучна фигура во развојот на женската одбојка во земјава.
Пауновиќ им помага на репрезентативките со специјални тренинзи, фокусирани на техничко и физичко усовршување според европските стандарди. Освен спортскиот дел, тој активно им помага и во изградбата на нивните меѓународни кариери, овозможувајќи им контакти со странски менаџери кои им помогнале да прават трансфери во клубови надвор од земјата. Благодарение на неговата посветеност, шест македонски одбојкарки веќе настапуваат во првенствата низ Европа.

По две успешни сезони во Финска со клубот Вампула, каде што беше прогласен за „Тренер на годината 2024“ и „Тим на годината 2024“, Пауновиќ оваа сезона го презеде Нове Место над Вахом во словачката женска „Екстра Лига“. Тимот ја започна сезоната со убедлива победа од 0–3 во сетови, демонстрирајќи сила и квалитет.
Во овој тим, Пауновиќ ja приклучи на одбојкарката од Тетово, Ерјона Јонузи, организаторката на македонската репрезентација, која ја игра втората сезона во словачкиот тим. По осуммесечна пауза поради повреда на левото колено, Јонузи се врати на терен и беше избрана за капитен на екипата, станувајќи клучен дел од новиот проект на клубот и на тренерот Стефан Пауновиќ.
Под водство на Пауновиќ, женската репрезентација на Македонија добива нов идентитет, поголема дисциплина и модерен пристап кон играта.
Стефан Пауновиќ останува пример за тренер кој не се фокусира само на резултатите, туку гради мостови, развива таленти и создава реални патишта кон меѓународен успех.