Фудбал
Сопственикот на ФК Гостивар донираше 1 милион денари за жртвите од трагедијата во Кочани, собрани и средства од хуманитарен натпревар

Голем хуман гест од Турција дојде преку сопственикот на ФК Гостивар, кој донираше 1 милион денари на сметката на Црвениот крст за помош на семејствата погодени од катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица.
Во рамки на иницијативата за поддршка, ФК Гостивар и екипата на Слога Виница одиграа хуманитарен фудбалски натпревар, на кој се собраа дополнителни 34.110 денари од страна на присутните гледачи. Натпреварот доби силна емотивна нота во 59-тата минута, кога судијата Александар Ананиев од Кочани го прекина натпреварот на кратко, во знак на почит кон 59-те жртви.
Од клубот изразија надеж дека овој чин ќе биде поттик за други спортски колективи да се вклучат и донираат во помош на семејствата кои се соочуваат со огромна болка и загуба.
„Во моменти кога болката е тешка и тишината гласна, најмногу значи солидарноста. Спортот има сила да обедини, но и да помогне,“ велат од ФК Гостивар.