Други спортови
Стефановски пливаше маратон на Охридското Езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица
Македонската пливачка легенда Томи Стефановски за 4 часа пливаше во Охридското езеро за инклузија на децата со атипичен развој и инвалидизираните лица во рамки на хуманитарниот настан „Пливање за инклузија“. Повод за овој подвиг, пливање 15 километри од хотел Десарет во месноста Пештани, до Црквата Св. Јован Канео и назад до охридското пристаниште, е 15 годишнината од препливување на каналот Ла Манш.
„Оваа соработка која настана и ме мотивираше да го поставам овој предизвик, сакам да прерасне во традиција. Секоја година на 14-ти август да се потсетуваме дека треба да се грижиме за сите деца кои, поради различни причини, не добиваат можност да бидат дел од спортот и општествените настани“, рече Томи по завршување на пливањето на Охридското пристаниште.
Хуманитарниот настан Стефановски го организира со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и Охридскиот Пливачки Маратон.