Стевица Ристиќ за „Мундокаст“: Менталниот склоп и парите ги делат Азија и арапскиот фудбал

Гостин во второто издание на „Мундокаст“ на 4ТВ беше прославениот фудбалер и актуелен спортски директор на ФК Силекс, Стевица Ристиќ. Тој понуди стручна анализа за почетните натпревари на Мундијалот, правејќи јасна дистинкција меѓу европскиот, азискиот и арапскиот фудбалски систем.
Изненадувањата во групната фаза се неминовност
Според Ристиќ, уморот кај фудбалерите кои без одмор дојдоа од финалињата на Лигата на шампионите и Лига Европа, во комбинација со временската разлика меѓу Европа и Америка, ќе донесе многу неочекувани резултати.
„На играчите им требаат минимум 15 до 20 дена за да влезат во ритам. Европските репрезентации во моментов играат полошо од американските бидејќи сè уште немаат квалитетен сон и правилна исхрана поради патувањата“, смета Ристиќ.
Како свој фаворит од сенка тој ја издвојува Јужна Кореја, земја каде што помина девет години од својата кариера. „Кореја има јасна национална стратегија, одлична инфраструктура и модерен фудбал. Тие заслужено ја победија Чешка и веќе се со една нога во следната фаза.“
Како главен фаворит за титулата, Ристиќ ја гледа Англија, поради врвната форма на Хари Кејн, но ги набројува и Аргентина (поради домашниот континент), како и Франција со својот директен стил на игра. Во однос на Португалија и Кристијано Роналдо, тој коментира дека иако тимот делува потечно без него на пријателските средби, Роналдо мора да биде искористен во последните 20-30 минути кога неговото искуство може да го реши натпреварот.
Работната етика наспроти „Ламборџини“ фудбалот
Правејќи споредба меѓу азиските селекции (Кореја, Јапонија) и арапскиот свет (Катар), Ристиќ беше дециден:
„Станува збор за работни навики. Во Кореја и Јапонија се работи од наутро до навечер. Кога ќе му кажеш на играчот да трча, тој трча три часа. Во арапскиот свет има премногу богати играчи. Кога некој доаѓа на тренинг со Ламборџини или БМВ, тешко е да го натераш да трча во последните 30 минути на сила. Она што Катар го одигра против Швајцарија не е фудбал – тие само ја избиваат топката и не гледам како некој може да победи со таква игра.“
Тој додаде дека парите во Саудиска Арабија прават вештачка лига која им го зема местото на домашните таленти, за разлика од Јапонија и Кореја каде што фокусот е на сопствените школи.
Силекс се подготвува за излез во Европа
Како прв човек на спортскиот сектор во ФК Силекс, Ристиќ со гордост се осврна на домашните успеси, честитајќи го освоениот Куп на Македонија во соработка со шефот на стручниот штаб, Александар Васовски.
„Имаме јасна стратегија, стабилен спонзор во името на Горан Иванов кој веќе 25 години инвестира лични средства, и стручен штаб кој работи максимално професионално. Играме најубав фудбал во Македонија во последните две години. Имавме пет репрезентативци (два во А-тимот и три во младата селекција). Нашата цел е следната година да се бориме за двата трофеи и да изградиме респектабилен тим за Европа, потпирајќи се главно на играчи од Балканот кои брзо се прилагодуваат на нашиот менталитет.“



