SportM
Фудбал

ТАНЕВСКИ ОСТРО: Македонија има екстра таленти, но многу од нив се губат во преминот кон сениорскиот фудбал

Редакција11 јун 2026
ТАНЕВСКИ ОСТРО: Македонија има екстра таленти, но многу од нив се губат во преминот кон сениорскиот фудбал

Во дебатниот дел на емисијата „Мундокаст“ на 4ТВ, фудбалскиот стратег Александар Таневски се осврна на една од најгорливите теми во домашниот спорт — менаџирањето и развојот на македонските фудбалски таленти. Со оглед на неговото долгогодишно искуство на домашната сцена и свежо стекнатата УЕФА Про лиценца, Таневски понуди детална дијагноза за тоа зошто многу македонски фудбалски надежи не успеваат да го достигнат својот полн потенцијал.

Според него, почетната точка воопшто не е спорна бидејќи Македонија како поднебје природно продуцира квалитет.

„Ние како земја секогаш сме имале и сè уште имаме потенцијално добри, екстра талентирани деца. Радува и фактот што сега имаме и генерација на одлични млади тренери кои знаат како да работат. Меѓутоа, најкритичниот дел и најспецифичниот период за еден млад играч е прелазот од младински во сениорски фудбал. Токму во оваа фаза, за жал, кај нас се губат огромен број на чисти фудбалски таленти“, дециден е Таневски.

„Увезуваме странци со сомнителен квалитет на штета на нашите деца“

Таневски отворено ја лоцираше вината кај домашните клубови и нивната краткорочна стратегија, критикувајќи го трендот на неконтролиран увоз на просечни фудбалери од странство.

„Во нашите лиги редовно доаѓаат доста странски играчи со сомнителен квалитет. Како тренер секогаш сум бил, сум и ќе бидам на ставот дека мора храбро да им се дава шанса и одговорност на нашите млади играчи. Само на тој начин, преку вистинска доверба во првите тимови, сите ќе бенефитираме — и клубовите и репрезентацијата. Мора да создадеме позитивна клима околу тие деца за да видиме дали сме во право.“

Идеалната формула: Карактер, едукација и трпение

Запрашан за тоа која е клучната формула за успешен премин од талент во зрел фудбалски квалитет, македонскиот стручњак нагласи дека тоа е комплексен процес во кој мора да се поклопат неколку клучни фактори.

„Најпресудни се талентот и карактерот. Самите млади играчи мора да изградат силен карактер, да бидат психолошки подготвени и да не се откажуваат при првиот пораз или седење на клупа. Тие мора да сфатат дека треба да посветат огромен дел од својот живот на фудбалот за да стигнат до големите цели. Но, од друга страна, клубовите мора да разберат дека во фудбалот развојот не оди линеарно — некогаш има напредок, некогаш заостанување. Потребни се добри сензитивни фази во едукацијата и трпение од тренерите. Кога ќе го погодите правото време и правото место за еден млад играч, дури тогаш имате целокупен и квалитетен производ“, заклучува Таневски.

https://youtu.be/LANUaBtQtBY

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.