SportM
Фудбал

Тори Пенсо ќе биде втората жена што ќе суди на Светско првенство

Редакција18 јун 2026
Тори Пенсо ќе биде втората жена што ќе суди на Светско првенство

Американката Тори Пенсо ќе стане втората жена во историјата што ќе биде главна судијка на натпревар од машкото Светско првенство во фудбал. Триесет и деветгодишната Пенсо е назначена да го води натпреварот меѓу Чешка и Јужна Африка од второто коло во групата А на Светското првенство 2026.

Средбата ќе се одигра денеска во Атланта, со почеток во 18 часот по македонско време.

Првата жена што судеше меч на машко Светско првенство беше Французинката Стефани Фрапар, која во групната фаза во Катар во 2022 година го водеше дуелот меѓу Германија и Костарика, завршен со победа на Германците од 4:2.

Пенсо има долгогодишно искуство во американскиот и меѓународниот фудбал. Во 2020 година стана првата жена по повеќе од две децении што судела натпревар во американската МЛС. Најголемото признание во нејзината досегашна кариера беше финалето на Светското првенство за жени во 2023 година меѓу Шпанија и Англија.

Американската судијка има искуство и од натпревари во машка конкуренција во рамките на КОНКАКАФ, квалификациите за Светското првенство и Светското клупско првенство. Нејзиното назначување за натпреварот меѓу Чешка и Јужна Африка претставува уште еден историски чекор во вклучувањето на жените во судењето на најголемите натпреварувања во машкиот фудбал.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.